Македонската кошаркарска репрезентација денеска (18:00 часот) во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје го пречекува Кипар, во натпревар од втората фаза на претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Покрај спортскиот предизвик, овој натпревар ќе има и посебно значење за македонската кошарка. Капитенот Војдан Стојановски ќе го забележи својот јубилеен 100. настап во дресот на националниот тим, достигнување што претставува потврда за неговата долгогодишна посветеност и верност кон репрезентацијата.
Репрезентативната приказна на Стојановски започна во 2008 година, кога го доби првиот повик од тогашниот селектор Јовица Арсиќ. Оттогаш, низ годините, тој стана еден од препознатливите лидери на националниот тим, а денес ќе стигне до значајна бројка од 100 одиграни натпревари.
„Дресот на Македонија за мене отсекогаш бил светост. Чувството да се игра за својата земја е посебно и секогаш е исто, без разлика дали настапуваме на Европско првенство или играме квалификации и претквалификации.
Горд сум што имам можност толку години да ја претставувам Македонија и што стигнав до бројката од 100 натпревари. Тоа е голема чест за мене, но и мотив да продолжам да го давам максимумот. За репрезентацијата секогаш ќе бидам тука, додека ѝ треба мојата помош“, изјави капитенот Војдан Стојановски.
Јубилејот ќе биде уште поубав доколку биде крунисан со нова победа на Македонија. Капитенот очекува максимален пристап и поддршка од трибините, свесен дека Кипар заслужува сериозен респект.
„Нашата цел е победа. Играме на домашен терен, очекуваме поддршка од трибините. Противникот не треба да се потцени во ниту еден случај. Мора да излеземе, да го дадеме максимумот и да ја продолжиме победничката серија“, додаде Стојановски.