Фудбалската федерација на Македонија испрати порака на почит и благодарност до Гоце Седлоски, по разделбата со селекторот, нагласувајќи дека резултатите не можат да го избришат неговиот придонес и значење за македонскиот фудбал.
Од Федерацијата посочуваат дека во фудбалот, без оглед на искуството, посветеноста и добрите намери, не секогаш работите се одвиваат според очекувањата, поради што одлуката за разделба ја сметаат за најдобра во интерес на двете страни, без дополнителен притисок и негативни коментари.
Седлоски е еден од најтрофејните македонски тренери, легендарен капитен и личност која оставила значаен белег во историјата на нашиот фудбал. Од ФФМ нагласуваат дека околностите во кои ја презеде репрезентацијата, високите очекувања и резултатите можеби не се поклопиле со посакуваното, но тоа не ја намалува неговата заслуга и досегашниот придонес.
Федерацијата му се заблагодари за работата, професионалноста и посветеноста, изразувајќи уверување дека неговото знаење, искуство и љубов кон македонскиот фудбал ќе продолжат да бидат во служба на спортот и во иднина.