Младински фудбалФудбал

Ѓорги Христов: Резултатите во младите категории се важни, но уште поважно е колку фудбалери ќе успееме да создадеме за А репрезентацијата!

Сподели
ФОТО: ФФМ
Сподели

Техничкиот директор на младинските национални тимови, Ѓорги Христов, на брифингот со медиумите говореше за досегашните резултати, предизвиците со кои се соочуваат младинските селекции, критериумите за избор на репрезентативци, како и очекувањата од генерациите кои во наредните години треба да ја претставуваат основата на сениорската репрезентација.

Посебен акцент беше ставен на успесите на генерациите родени во 2009 и 2010 година, кои во последните две години обезбедија пласман во елитната фаза од квалификациите за Европското првенство. Според Христов, ваквиот континуитет претставува значаен показател за напредокот во работата со младите категории.

Тој посочи дека ваквите резултати добиваат дополнителна тежина ако се земе предвид дека во изминатите три децении Македонија само двапати успеала да стигне до оваа фаза од квалификацискиот циклус.

„Треба да бидеме задоволни и горди на резултатите. Генерацијата 2010 обезбеди пласман во елитната фаза, а тоа е втора година по ред во која успеваме да го направиме овој чекор. Лани тоа го направи генерацијата 2009, сега и 2010. Станува збор за феноменален резултат, особено затоа што се работи за најмладите репрезентативни селекции. Во последните 30 години само двапати сме имале пласман во елитната фаза, а сега тоа го остваруваме две години последователно“, истакна Христов.

Христов се осврна и на генерацијата 2008, која имаше успешен квалификациски циклус, иако во нејзината група само првопласираната селекција обезбедуваше пласман во следната фаза. Воедно, генерациите 2011 и 2012 се дел од поширокиот процес на создавање конкурентни младински национални тимови, со цел резултатите и развојот да не зависат од една генерација, туку да станат континуитет.

Редовното следење на играчите, нивната форма и развој, како и отворената конкуренција за место во репрезентацијата, се основа на овој процес.

„Ја реорганизиравме лигата. Секоја недела ги имаме децата на терените и тоа е многу важно за нивниот развој и за резултатите што ги постигнуваме. Не влегуваме во никаква еуфорија. Важно е самите деца да видат дека можат да напредуваат, но и дека никој нема загарантирано место во тимот, без разлика на претходниот труд. Тоа важи и за селекторите. Селекцијата мора да биде конкурентна, а одлуките да се носат врз основа на она што го гледаме на теренот“, посочи Христов.

Техничкиот директор потенцира дека во процесот на следење и селектирање на фудбалерите е вклучен поширок стручен тим, а присуството на поранешни репрезентативци со големо фудбалско искуство е дополнителна вредност за младите играчи.

„Ги следиме сите натпревари. Ако не сум јас, тука е Горан Пандев, ако не е Пандев, тука се Новески или Артим Шаќири. Тоа е многу значајно за децата од младите генерации. Сакаме да знаат дека нивната работа се следи, дека постои конкуренција и дека до репрезентацијата се стигнува со квалитет, работа и континуитет“, додаде Христов.

Во процесот на селектирање, Христов се осврна и на нефудбалските влијанија, кои и понатаму претставуваат предизвик, иако, според него, нивното присуство е значително намалено во однос на почетокот на неговиот мандат.

„Сè уште се бориме со нефудбалски работи, за жал, но многу помалку отколку во првата година. За да препорачаме некое дете, треба да бидеме 300 проценти сигурни. Многу често кажувам дека некое дете не заслужува да биде во репрезентацијата, затоа што го гледам и знам што се случува. Нефудбалски работи ќе има и понатаму, но се бориме против нив и верувам дека ќе успееме“, истакна Христов.

Христов нагласи дека резултатите во младинските категории не се единствената цел. Крајниот приоритет е создавање фудбалери кои ќе можат да се наметнат во сениорскиот национален тим, а процесот на нивно следење и развој бара време, трпение и постојана работа.

„Минатата година кажав дека во тој момент немаме репрезентативци за А селекцијата од овие генерации, но дека за две години ќе имаме. Верувам дека тоа ќе се случи. Има квалитет, има потенцијал и важно е да продолжиме да работиме во вистинска насока. Резултатите во младите категории се важни, но уште поважно е колку фудбалери ќе успееме да создадеме за А репрезентацијата“, рече Христов.

Во однос на фудбалерите кои во младинските категории се дел од македонските селекции, а потоа одлучуваат да настапуваат за Германија, Швајцарија или други национални тимови, Христов истакна дека ФФМ нема да се откаже од ниту еден играч со потенцијал, но дека конечната одлука е лична и во голема мера зависи од родителите.

„Свесен сум дека станува збор за големи репрезентации. Ние нема да се откажеме од ниту едно дете кое има квалитет и потенцијал да игра за Македонија. Но, тие одлуки ги носат родителите, а не децата. Нашата задача е да им ги понудиме најдобрите услови, да ги следиме, да им дадеме можност и да покажеме дека Македонија има сериозен пристап кон нивниот развој“, нагласи Христов.

 

Сподели
Напишано од
Виолета Јанчева -

Виолета Јанчева е поранешна фудбалерка која настапувала за неколку екипи од Првата македонска женска фудбалска лига. Одлично го познава македонскиот фудбал, но генерално и македонскиот спорт.

Не пропуштајте

Младински фудбалФудбал

Ѓорги Христов: Резултатите во младите категории се важни, но уште поважно е колку фудбалери ќе успееме да создадеме за А репрезентацијата!

Техничкиот директор на младинските национални тимови, Ѓорги Христов, на брифингот со медиумите говореше за досегашните резултати, предизвиците со кои се соочуваат младинските селекции,...

Кошаркарска репрезентацијаРепрезентација

Берокал: Ништо не е готово, секоја победа не носи поблиску до целта!

Македонската сениорска репрезентација ја очекува важен дуел против Кипар, втор во рамките на втората фаза од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029. По...

Поврзани написи
ФудбалФутсал

Кеги Моби убедлив во Кавадарци, три бода за Јувентус Серава, Шкупи ја доби голеадата со СЕЕ Университи

Јувентус Серава стигна до триумф над Железарец на гостински терен добивајќи го...

КупФудбал

КУП: Ангелчо Ристов ќе им суди на Брера Струмица и Арсими

Познати судиите кои ќе ја делат правдата на денешниот меч меѓу Брера...

КупФудбал

КУП: Брера утре во Струмица го пречекува Арсими

Утре ќе се добие последниот патник во четвртфиналето од Купот на Македонија,...

✕
error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!