Со денешниот тренинг и официјално започна новата ера во стручниот штаб, предводена од Дејан Мијатовиќ, кој неодамна му се приклучи на клубот заедно со својот помошник Иван Дробњак.
Новиот тренерски тандем го одржа првиот тренинг, на кој имаше неколку отсуства поради репрезентативните обврски и повреди. На собирот не беа присутни Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Лука Стојановски, Петар Бошалески и Адем Мекиќ, кои се дел од националните селекции.
Андреј Андоноски и Бојан Величковски, кои се соочуваат со повреди, работат според посебна програма, додека на тренингот беа вклучени и најдобрите млади кошаркари од клубот, кои добија можност да работат заедно со поискусните играчи.
Тренингот траеше повеќе од два часа, во кој Мијатовиќ и Дробњак имаа можност да ги запознаат играчите со своите методи на работа и да го постават почетниот ритам пред продолжението на сезоната. Новиот стратег добро ги познава квалитетите на тимот, верува во потенцијалот на кошаркарите и очекува со максимална посветеност и континуирана работа напредокот да биде видлив од натпревар во натпревар.
Дебито на Дејан Мијатовиќ на клупата се очекува на 2 декември, кога неговиот тим на домашен терен ќе го пречека Триглав Крањ во натпревар од АБА 2 лигата.