Младост конечно ја израдува верната публика откако во салата „Млаз“ ја доби Струга во мечот од 11. коло на Суперлигата, а конечниот резултат на семафорот беше 30:28.
Радоста беше голема кај сите во клубот и кај верната публика, дефинитивно оваа победа дојде во вистинскиот момент за продолжението од првенството.
Далибор Лукиќ кој е прв асистент на стратегот Горан Андоновски во стручниот штаб истакна дека конечно е пробиена таа психолошка бариера која ја имале последните два месеци, победа после десет кола.
„Конечно ја пробивме таа психолошка бариера која ја имавме последниве два месеци, после еве 10 кола без победа, со три нерешени резултати. Секогаш и на претходните натпревари победата ни бегаше во последните моменти од тие натпревари, но овој пат екипата се издигна психолошки над сѐ и над сите проблеми кои ги имавме и синоќешната повторно тешка повреда на Тодор Узунчев. Мислам дека беше само мотив плус денес играчите да излезат, да се борат, да дадат максимум и конечно да ја оствариме првата сезонска победа, која се надевам дека ќе ни биди, како што вие кажавте, ветер во грб за останатите натпревари до крајот на првиот дел во сезоната, а и секако и во вториот дел на сезоната, да влеземе максимално ангажирани, растеретени од товарот. Сите тие натпревари кои ги одигравме нерешено, ги одигравме под еден психолошки товар голем и товарот пред оваа домашна публика — Богданчани знаат доста добро ракомет, го познаваат ракометот и можеби играчите играа потешко на домашен терен отколку на гостински терен, но ме радува тоа што денес ја остваривме првата победа и се надевам дека после оваа победа ќе бидат пораснати и од меч во меч нивото и ќе расте на играта и победите ќе доаѓаат сами по себе“, изјави Лукиќ.
Младост сега има ефект од една победа, три ремија и седум порази и со пет бодови е израмнет со Куманово и Бутел, токму во следното коло на домашен терен ќе се соочи со екипата на Бутел во уште еден важен меч за богданчани.