Младост стигна до својата прва сезонска победа, откако на домашен терен славеше над Струга со 30:28 во рамките на 11. коло на Суперлигата.
Овој триумф донесе голема радост кај ракометарите, стручниот штаб, публиката и верните „фаланги“.
По мечот за Спортска Мрежа најдобриот стрелец на Младост, Даниел Андоновски истакна дека како и што претходно најавил очекуваш еден прав машки суперлигашки ракомет, а пресудно за победата била концентрацијата во завршните минути.
„Прво сакам да и честитам на екипата на Струга за одличната борба. Како што најавив, тука се очекуваше еден прав машки суперлигашки ракомет, цврстина. Сепак тука имавме во оваа сала неколку несреќни порази или нерешени дуели. Со таа исто најавена борба за секоја топка, сложност, конечно успеавме да стигнеме до таа толку посакувана победа. Можам да кажам дека пресудно беше концентрацијата во завршните минути кога ја градевме предноста лека-полека и на крајот успеавме да ја задржиме“, вели Андоновски за Спортска Мрежа.
Како што вели Андоновски ова победа за нив била многу важна и ветер во грб за продолжението од сезоната.
„Мислам дека сите, сите максимално бевме концентрирани и нормално кога сета таа концентрација ќе се претвори во јаве, веќе кога се вроди со плод, многу важна ни е оваа победа на сите нас. Сега ќе одиме да си прославиме сите заедно како екипа, како што бевме и ќе останеме сложни“, дополнува Даниел Андоновски.
Победата на Младост се славеше покрај во салата и низ улиците во Богданци до доцна во ноќта.