ГРК Охрид ја оправда фаворитската улога во првиот натпревар против Драгунас Клаипеда од третото коло на ЕХФ Европскиот Куп, совладувајќи го литванскиот претставник со убедливи 30-19. „Гладијаторите“ направија значителна разлика пред реваншот, откако во второто полувреме ја презедоа целосната контрола и со силна завршница стигнаа до двоцифрена предност.
Еден од најрасположените во охридскиот состав беше Доминик Мате, кој заедно со Никола Зечевиќ постигна по седум гола. Во изјава за Спортска Мрежа, Мате смета дека почетокот не бил според посакуваното, бидејќи тимот се обидел со одредени новини во играта, но промената на ритамот во продолжението донела резултат. Сепак, нагласува дека високата победа не смее да биде причина за опуштање пред вториот дуел.
„Очекувавме тежок натпревар. На почетокот испробавме некои нови работи во играта, но не одеше баш најдобро, па противникот беше цело време во игра. Но потоа, во второто полувреме го сменивме ритамот и успеавме да направиме добра гол-разлика пред утрешниот натпревар. Сепак, сè уште ништо не е готово, па мора да дадеме 100% и утре и, секако, на домашен терен да се обидеме да победиме.”- изјави Мате за Спортска Мрежа.

Охрид има предност од 11 погодоци пред вториот натпревар, кој ќе се одигра утре од 18:00 часот во „Билјанини Извори“. И покрај убедливиот триумф, „гладијаторите“ ќе мора да го задржат потребното ниво на концентрација и уште еднаш да ја потврдат својата надмоќ за да обезбедат пласман во следната рунда на ЕХФ Европскиот Куп.