Шампионот Проект со девет гола го декласираше повратникот Железарец, кој е поранешен шампион на Македонија со резултат од 9:0 во рамките на 5. коло на Првата футсал лига.
Големата победа тимот од Јосифово ја најави уште по првиот дел кога имаше предност од 5:0. Резултатот го отвори Никола Анчевски, а потоа двапати во четири минути погоди Трајче Димитриев, а по него стрелаше и Наум Блажевски.
Во 18. минута од средбата која се играше во Валандово погоди Филип Вучковски за 5:0 по првите дваесет минути.
Во вториот дел беа постигнати уште четири брзи гола во период од 23-тата од 26-тата минута, а стрелци беа Бојан Јанев, Андреј Коцевски, Андреј Трајков и Мартин Тодоровски.
Со оваа голема победа Проект се загрева за големото дерби кое се игра следното коло во Валандово против поранешниот шампион Форца.
Кеги Моби ја доби голеадата со Бутел со што трите бодови останаа во Велес, откако домаќинот беше подобра со 8:5. За таборот на Кеги Моби по три гола постигнаа Ангел Гаштев и Марио Панев, а пак Петар Левков беше стрелец на два гола.
За гостинот Мирко Богески и Никола Силјановски погодија по двапати, а еден гол беше дело на Владимир Трендафиловиќ.
Колото се затвара утре со останатите три средби. Форца ќе го пречека тимот на Клими, Осогово во Крива Паланка против СЕЕ Университи, а пак Шкупи ќе игра со Јувентус Серава.