По речиси една деценија пауза, радовишкиот фудбал повторно доби локално дерби! На фудбалскиот терен во Подареш, Готен и Слога од Злеово одиграа интересен натпревар кој заврши без победник, со резултат 2:2, во рамките на шестото коло од Општинската фудбалска лига – Струмица.
Натпреварот имаше посебно значење за фудбалот во радовишкиот регион, бидејќи по долги години две екипи од овој крај повторно се соочија во официјален првенствен дуел.
За домашниот Готен во листата на стрелците се запишаа капитенот Иван Конзулов и Зоран Спасов, додека двата погодоци за гостинската екипа на Слога ги постигнаа Реџеп Јашаров и Мите Стоименов.
На крајот, двете екипи мораа да се задоволат со по еден освоен бод, а резултатот 2:2 го одбележа враќањето на локалното фудбалско ривалство меѓу Подареш и Злеово.
По згаснувањето на Општинската фудбалска лига во Радовиш, повеќе клубови од радовишките села престанаа со натпреварувачки активности, а локалните првенствени пресметки заминаа во историјата.

Сепак, повторното активирање на Општинската фудбалска лига во Струмица отвори можност за враќање на фудбалот во овие средини.
Минатата сезона Слога од Злеово го направи првиот чекор со пријавувањето во струмичкото општинско првенство, додека годинава во натпреварувањето се вклучи и Готен од Подареш.
Токму нивното враќање овозможи по речиси десет години повторно да се одигра локално дерби во радовишко.
Со денешното реми, Готен ја продолжи серијата без пораз и по пет одиграни натпревари има три победи и две ремија, односно 11 освоени бодови.
Екипата од Подареш досега постигна 18 погодоци, а прими пет, со гол-разлика од плус 13. Готен има и одложен натпревар против Василево од петтото коло, кој дополнително треба да се одигра.
Од друга страна, Слога од Злеово по шест одиграни натпревари има две победи, две ремија и два порази, со вкупно осум бодови.
Тимот од Злеово досега постигна 15 погодоци, а прими 19, со гол-разлика од минус четири.