Три домашни и една гостинска победа донесе 6. коло на Општинската фудбалска лига, а еден меч заврши без голови.
Екипата на Горски на домашен терен со 2:1 славеше над Бузалкова во меч каде сите три погодоци беа постигнати во вториот дел по чистите мрежи во првиот дел.
Антонио Китановски во 59. минута го отвори резултатот за водство на домашните, но радоста траеше само пет минути кога Миљаим Сулејмани погоди за 1:1.
Домашниот тим преку Аријан Колашинац во 78. минута дојде до ново водство од 2:1, а тоа се покажа и конечен исход.
- ГОЛОВИ: ГОРСКИ – БУЗАЛКОВА
Тополка со голот на Матеј Димовски во 23. минута триумфираше со минимални 0:1 над Плавник.
Младост имаше сигурна победа од 2:0 над некогашниот второлигаш Локомотива од Градско. Во првиот дел и двете екипи не ги користеа своите шанси.
На стартот од вториот дел Младост дојде до водство со голот на Марјан Ончев во 48. минута, а во 76. минута Николче Јавашев за конечни 2:0.
Раштани Спорт со 2:1 го доби дуелот со Согле, во меч каде домаќинот на полувреме имаше два гола предност. Дамјан Јовановски во 30. минута погоди за 1:0, а осум минути подоцна Александар Петкоски постигна гол за двојна предност по првите 45 минути.
Во вториот дел Никола Димовски во 76. минута намали на 2:1, но гостинот немаше сили за нешто повеќе и претрпе пораз.
Единствениот меч на кој немаше победник и погодоци беше тој меѓу Форца Нова и Врановци.
Во поглед на табелата на врвот е Раштани Спорт со 16 бодови, Тополка е втора со 12 бодови, а пак Горски е трет со 11 бодови. Останатите екипи имаат едноцифрен број на освоени бодови.
Четврти е тимот на Форца Нова со осум бодови, а толку има и Врановци.
Локомотива е на шестата позиција со седум бодови, Младост е седми со шест бода, Плавник е осми со пет бода, Бузалкова е деветта со четири бода, а на дното е Согле со два бода.