Кошарка

ГКК Штип го шокираше Пелистер среде Битола, МЗТ Скопје сигурен во градското дерби – Работнички останува лидер!

Сподели
ФОТО: КФМ
Сподели

Шестото коло од МТЕЛ кошаркарската Суперлига донесе голема гостинска победа на ГКК Штип против Пелистер во Битола, додека актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром ја оправда фаворитската улога во градската пресметка со Скопје 2023. Штипјани славеа со 92:87 и ја запишаа втората последователна победа, додека аеродромци триумфираа со убедливи 79:60.

ГКК Штип со голем триумф во Битола – Пал го реши драматичниот финиш

Кошаркарите на ГКК Штип продолжуваат да ја подигнуваат формата во дебитантската сезона во најсилното македонско кошаркарско натпреварување.

Избраниците на Марјан Србиновски приредија големо изненадување во Битола, совладувајќи го Пелистер со 92:87, во натпревар кој понуди вистинска драма во завршните минути.

Штипјани имаа предност во поголемиот дел од средбата и покажаа дека можат рамноправно да се носат со еден од поискусните суперлигашки состави.



Сепак, Пелистер не се предаваше. Во неизвесната завршница битолчани успеаја да направат пресврт, а по тројката на Кочовиќ поведоа со 87:86, најавувајќи можност за победа пред домашната публика.

Токму во тие моменти на сцена стапи американскиот кошаркар Пал.

Најпрво, по офанзивен скок, реализираше за ново водство на ГКК Штип од 88:87, а потоа беше сигурен и од линијата за слободни фрлања, зголемувајќи ја предноста на 90:87.

Во последните моменти Димчевски со уште две реализирани слободни фрлања ги постави конечните 92:87, потврдувајќи ја големата победа на штипскиот состав.

Најефикасен во победничкиот тим беше Хамилтон со 20 поени, додека Лав постигна 19. Пал имаше одличен настап со дабл-дабл учинок од 15 поени и 11 скока, но и со клучна улога во решавачките моменти.

Кај Пелистер најрасположен беше Кочовиќ со 24 поени, додека Вилсон постигна 17.

Со оваа победа ГКК Штип стигна до вториот сезонски триумф, и тоа втор последователен, со што дополнително ја зголеми самодовербата во продолжението од првенството.

МЗТ Скопје ја потврди фаворитската улога против Скопје 2023

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја забележаа петтата победа во сезоната, откако како формални гости го совладаа градскиот ривал Скопје 2023 со убедливи 79:60.

Иако конечниот резултат покажува сигурен триумф на аеродромци, натпреварот не беше целосно едностран.

МЗТ одлично го започна дуелот и брзо стигна до двоцифрена предност од 19:8. Сепак, Скопје 2023 успеа да ја стабилизира играта и постепено да ја намалува негативата.

Домашниот состав во еден момент направи и целосен пресврт, поведувајќи со 31:30, но МЗТ повторно ја презеде контролата и на полувремето замина со предност од 42:39.



Скопје 2023 остана во резултатски приклучок и во третиот период, сè до 51:47, кога следуваше решавачкиот налет на фаворитот.

Аеродромци ја зацврстија одбраната, пронајдоа подобри решенија во нападот и постепено ја зголемуваа разликата, не дозволувајќи ново враќање на противникот.

На крајот МЗТ Скопје славеше со 79:60, потврдувајќи го квалитетот и запишувајќи ја петтата победа по шест одиграни кола.

Најдобар поединец во победничкиот состав беше Емир Крајиниќ со 20 поени и осум скока.

Кај Скопје 2023 се истакна Камерон Џонс, кој натпреварот го заврши со 18 поени, четири скока и две асистенции.

Работнички непоразен, МЗТ го следи – ГКК Штип се искачува во борбата за подобар пласман

По досега одиграните натпревари од шестото коло, Работнички останува единствениот непоразен тим во првенството со шест победи, додека МЗТ Скопје Аеродром е веднаш зад него со пет победи и еден пораз.



ГКК Штип со двата последователни триумфа го подобри својот биланс на две победи и четири порази, колку што имаат и Пелистер и Струмица 2001.

Резултати од 6. коло

Струмица 2001 – Тиквеш Голден Игл 70:75

Работнички – Кожув 83:80

Пелистер – ГКК Штип 87:92

Скопје 2023 – МЗТ Скопје Аеродром 60:79

Понеделник, 9 ноември:

19:00 часот: ТФТ – МКК Куманово, „Т Арена“, Скопје

Табела по досега одиграните натпревари

Место Екипа Победи Порази
1. Работнички 6 0
2. МЗТ Скопје Аеродром 5 1
3. Тиквеш Голден Игл 3 3
4. Кожув 3 3
5. МКК Куманово 3 2
6. Струмица 2001 2 4
7. Пелистер 2 4
8. ГКК Штип 2 4
9. ТФТ 2 3
10. Скопје 2023 1 5

Табелата ќе биде комплетира со утрешниот меч меѓу ТФТ – МКК Куманово.

Сподели
Напишано од
Виолета Јанчева -

Виолета Јанчева е поранешна фудбалерка која настапувала за неколку екипи од Првата македонска женска фудбалска лига. Одлично го познава македонскиот фудбал, но генерално и македонскиот спорт.

Не пропуштајте

ФудбалЧетврта лига

Маџари Солидарност со „петарда“ за Кадино, Петровец со висок триумф, три бода за Гоце Делчев

Екипата на Маџари Солидарност стигна до највисоката победа во РФС 1 Четврта лига група А откако со убедливи 1:5 го доби Кадино. Игор...

ФудбалЧетврта лига

Лозар го доби Полет од Тремник, Вардар Бистренци со триумф над Напредок од Војшанци

Петтата рунда на Општинската фудбалска лига во Неготино донесе две домашни и една гостинска победа со голем број на погодоци. Лозар на домашен...

Поврзани написи
Кошарка

МЗТ три од три дома, Работнички три од три на гости пред вечното дерби

МЗТ Скопје Аеродром и Работнички влегуваат во дербито од седмото коло со...

Кошарка

Работнички преживеа драма со Кожув за шеста победа, Тиквеш со голем пресврт ја освои Струмица!

Шестото коло од МТЕЛ кошаркарската Суперлига донесе два интересни натпревари со неизвесни...

Кошарка

Вардар и Бадел без пораз по четири кола, Крива Паланка го доби дербито со Баскет Кам – следува битка за врвот!

Вардар и Бадел 1862 продолжуваат со максимален ефект во „Шпаркасе Лајф“ Првата...

✕
error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!