Наместо дерби во „Јасмин“ тотална доминација на Црна Река, откако со 14:4 славеше над Балкан во дербито на 4. коло на Втората футсал лига, а кое дерби се претвори во убедливо издание на домашниот тим.
Дури четири играчи се запишаа во листата на стрелците кај Црна Река со по два погодоци. Даниел Миловановиќ во 3. минута го отвори резултатот, а погоди и во 20. минута. По два гола постигнаа и Никола Димов, Димитар Чоков и Дарко Темелков.
По еден гол постигнаа Лазар Мицев, кој погоди во 16. минута, Стојан Петковски, Александар Михајлов Тони Гацев и Петар Ристовски кои стрелаа во вториот дел, а пак Ѓунум Сакиб од гостинскиот тим си постигна автогол.
За Балкан кој минатата сезона испадна од Првата лига погодија Пајтим Реџепи, Јусуф Сулејмани, Енис Реџеп и Кристијан Димковски, а сите четири гола беа постигнати во вториот дел.

Црна Река кој е меѓу најстарите футсал клубови во државата има за цел оваа сезона да се врати во Првата лига, клубот од Кавадарци е главен кандидат за освојување на шампионскиот пехар и враќање во елитата.
Тоа што Спортска Мрежа пред почетокот на сезоната го анализираше сега се потврдува со доминација на Црна Река на терен со високи победи.

Црна Река има три од три и максимални девет бодови, еден меч има помалку од лидерот Каршиака, тим кој има четири од четири и максимални 12 бодови.
Токму овие две екипи кои немаат пораз во следното коло ќе ги одмерат силите во меѓусебна пресметка.
