Македонската машка ракометна репрезентација го претрпе првиот пораз во квалификациите за Европското првенство во 2028 година, откако на гостувањето во Халкида загуби од Грција со 29:24. Избраниците на Кирил Лазаров одиграа натпревар под очекувањата, со многу грешки во нападот и недоволно цврста одбрана, што домаќините максимално го искористија.
Македонија добро го започна натпреварот и имаше почетно водство од 1:2, но потоа следуваше голем пад во играта. Нашите ракометари девет минути не успеаја да постигнат погодок, а Грција со серија од три гола го презеде водството.
Проблемите во нападот продолжија, додека домашната селекција постепено ја зголемуваше предноста. Во еден момент Грците поведоа со 13:6, а на полувремето заминаа со убедливи 16:9.
Ниту почетокот на вториот дел не донесе подобрување. Грција стигна до највисоки девет гола предност (19:10), по што Македонија конечно успеа да воспостави подобар ритам.
Предводени од капитенот Филип Кузмановски и Никола Костески, македонските ракометари ја намалија негативата на пет погодоци, но немаа сили за целосно враќање во натпреварот.
Дополнителен проблем беше директниот црвен картон на Петар Атанасијевиќ во второто полувреме, по што селекторот Лазаров остана без единственото класично лево крило во составот.
Грција ја задржа контролата, повторно ја зголеми предноста, а Македонија со подобра игра во завршницата успеа само да го ублажи поразот на конечни 29:24.
Најефикасен во македонската репрезентација беше Никола Костески со осум погодоци, сите постигнати во второто полувреме. Капитенот Филип Кузмановски додаде седум, додека Мартин Томовски забележа десет одбрани.
Кај победничката репрезентација се истакнаа Статис и Тоскас со по седум гола, а голманот Буковинас имаше 13 успешни интервенции.
Со овој резултат Македонија и Грција се израмнија на табелата, а борбата за пласман на Европското првенство дополнително се усложнува.
Следниот предизвик за избраниците на Кирил Лазаров ќе биде во март, кога во Скопје ќе гостува Шведска, репрезентација која има максимален ефект по првите две кола.
Македонија ќе има можност за реванш против Грција на 9 мај во Скопје, во натпревар кој може да има големо значење за конечниот расплет во квалификациската група.
Поразот во Халкида е сериозно предупредување за македонската репрезентација.