Тиквеш продолжува со одличните настапи во Првата македонска фудбалска лига, а амбициите на кавадарчани се насочени кон обезбедување пласман во европските натпреварувања. По елиминацијата од Купот на Македонија со службен пораз од Вардар, и покрај тоа што на теренот славеше против „црвено-црните“, јасно е дека Тиквеш европска виза ќе мора да бара преку првенството.
Следниот предизвик за избраниците на тренерскиот тим од Кавадарци е домашниот дуел против Скопје. Иако гостите се на последното место на табелата, во таборот на Тиквеш нема простор за потценување, па најавуваат максимален пристап и борба за нови три бода пред своите навивачи.
“Нема да потценуваме ниту еден тим. Иако Скопје е на последното место, сепак, знае да одигра добар и цврст меч, особено против екипите од горниот дел. Ќе дадеме се од себе за трите бода да останат во Кавадарци. Сакаме да ја продолжиме нашата успешна серија во првенството”, вели капитенот на Тиквеш, Александар Вареловски.