Репрезентативната пауза донесе и средба со минатото за тренерот на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ, кој повторно се најде во центарот на вниманието на својот поранешен клуб, Војводина.
На натпреварот меѓу Војводина и Металопластика се сретнаа двајца тренери кои во различни периоди го предводеа новосадскиот тим – Борис Ројевиќ, најтрофејниот тренер во историјата на клубот, и Владaн Матиќ, кој беше на клупата на црвено-белите во претходната сезона.
Од Војводина не ја пропуштија можноста да им оддадат признание на двајцата стручњаци, нагласувајќи дека оставиле значаен белег во историјата на клубот.
„Војводина е секогаш во срцето!“, порачаа од новосадскиот клуб, испраќајќи и уште една емотивна порака: „Еднаш Војводина – засекогаш Војводина!“.
Ројевиќ денеска ги предводи охридските „гладијатори“, но врската со клубот во кој ги оствари најголемите тренерски успеси очигледно останува посебна.
