Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 15 години, составена од играчи од генерацијата 2011, ќе учествува на Светското првенство во фудбал во форматот 7+1, кое од 22 октомври до 1 ноември 2026 година ќе се одржи во Баку, Азербејџан.
Станува збор за новото светско натпреварување на ФИФА, „FIFA U-15 World Cup & Festival 2026“, иновативен проект насочен кон развојот на младинскиот фудбал и обезбедување меѓународно натпреварувачко искуство за младите фудбалери.
Натпреварите ќе се играат во форматот 7+1, односно со седум играчи во поле и еден голман. Право на учество имаат фудбалери родени во 2011 и 2012 година. Средбите ќе траат 40 минути, поделени во две полувремиња од по 20 минути, со пет минути пауза меѓу нив.
Форматот носи и неколку специфични правила со кои се зголемува динамиката на играта, меѓу кои неограничени, таканаречени „летечки“ замени, изведување на аут со нога и примена на правилото за офсајд само во зоната од 23 метри пред гол-линијата.
Македонските надежи во групната фаза ќе одиграат пет натпревари, а со добри резултати ќе се обидат да обезбедат пласман во завршната, елиминациска фаза од турнирот. Сите натпревари ќе се играат во комплексот Ховсан во Баку.
Селекторот Горан Станковски го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета за настапот на меѓународната сцена.
Состав на Македонија У15 за Светското првенство во Баку:
Голмани: Марио Стојковски (Њу Стар), Максим Ѓоревски (Виена ФЦ).
Одбрана: Стефан Арсов (АИК Стокхолм), Дин Рожајац (ФФМ Академија), Ејман Емини (ФФМ Академија), Јетмир Асани (Вардар), Хамза Зубери (Скопје).
Среден ред: Давор Танески (ФФМ Академија), Фишник Амити (Шкендија), Јоан Ѓорѓиевски (Академија), Стефан Стојаноски (Академија).
Напад: Јован Јанчевски (Академија), Драган Петков (Њу Стар), Доротеј Христов (Скопје).
Распоред на натпреварите на Македонија:
- Сабота, 24 октомври: Македонија – Панама (12:45 часот)
- Недела, 25 октомври: Чад – Македонија (10:30 часот)
- Недела, 25 октомври: Македонија – Кенија (17:15 часот)
- Понеделник, 26 октомври: Малта – Македонија (09:15 часот)
- Понеделник, 26 октомври: Македонија – Нигер (16:00 часот)
Младите македонски фудбалери ќе имаат можност да ги одмерат силите со своите врсници од различни континенти, да стекнат драгоцено меѓународно искуство и да се борат за место меѓу најдобрите на премиерното издание на ова светско натпреварување.