Одбојкарите на Сушево остварија значајна победа од 3:2 против Лирија, на гостувањето во Тетово, во првиот натпревар од претколото во Првата лига за мажи. Дуелот донесе голема неизвесност и борба до последниот поен, што го направи еден од најинтересните на стартот на новата сезона.
Сушево двапати имаше предност во сетови, најпрво со 1:0, а потоа и со 2:1, но домашната екипа на Лирија не се предаваше и успеа да се врати во натпреварот. Сепак, во решавачкиот петти сет гостите покажаа поголема сигурност и концентрација, стигнувајќи до конечен триумф од 3:2.
Во вториот натпревар одигран во Тетово, во градската пресметка, Универзитет во Тетово беше убедлив против Шкендија, славејќи со максимални 3:0 во сетови.
Убедливо издание имаше и Струмица 47&72, која во уште еден градски дуел од претколото ја совлада Македонија Џио.
Победничкиот старт го потврди и ланскиот финалист ГОК Борец, кој се врати со максимална победа од гостувањето кај Весна Пробиштип. Работнички 71&22, пак, беше подобар од Скопје со резултат 3:1.
Актуелниот шампион Штип УГД, поради настапите во ЦЕВ Лигата на шампионите, претходно го одигра двомечот против Јанта Волеј мажи. Штипјани со две максимални победи го обезбедија своето место во Првата А лига, додека Јанта Волеј следната сезона ќе настапува во Првата Б лига.
Кои екипи ќе им се приклучат на овие два тима во регуларниот дел од сезоната ќе биде познато по реванш натпреварите, кои се закажани за 21 октомври.