Македонската таеквондистка Ведрана Тунески од ТК Бутел оствари одличен резултат на Европското Гранд При (Е6), освојувајќи го сребрениот медал во кадетска конкуренција до 51 килограм.
Тунески имаше извонреден настап, забележувајќи три победи на патот до финалето. Во првото коло ја совлада Французинката Алија Мола со 2:1, потоа во четвртфиналето беше подобра од Турчинката Афра Караман со 2:0, додека во полуфиналето славеше со идентични 2:0 против Марина Савиди од Кипар.
Во финалната борба, македонската репрезентативка загуби со 0:2 од Мелин Озтекин од Швајцарија, со што го освои сребрениот медал на силниот меѓународен турнир.
Со овој резултат, Ведрана освои нови 32 бодови пред претстојното Европско првенство, а воедно обезбеди и директен пласман на Финалното Гранд При.
Овој успех претставува уште една потврда за нејзиниот квалитет, посветеност и потенцијал, а младата таеквондистка продолжува да го гради својот пат кон највисоките спортски дострели, со амбиција еден ден да ја претставува Македонија и на најголемата спортска сцена – Олимписките игри.