Стартуваше новата сезона во Општинската фудбалска лига во Неготино, со два натпревари, а првата рунда ќе се комплетира во среда со мечот меѓу Полет од Тремник и Напредок од Војшанци.
Тимот на Вардар Бистренци со триумф од 3:2 славеше над Младост од Корешница, меч кој понуди пресврт. Резутатот го отвори Ѓорѓи Ѓорѓиев во 9. минута од средбата, а веќе во 18. минута беше 1:1 со голот на Ефкан Усинов.
До крајот на првиот дел гостинот успеа да направи комплетен пресврт откако Стојанче Богдановиќ погоди за 1:2 на полувреме.
Во вториот дел се случи комплетен пресврт, во 70. минута Ѓорѓиев со втор гол обезбеди израмнување на 2:2, а шест минути подоцна Никола Камчев со погодок обезбеди три бода за Вардар Бистренци.
Лозар по 16 години се реактивираше, а на својот премиерен меч по речиси две децении забележа победа од 1:2 над Јанг Бојс во Неготино. По чистите мрежи во првиот дел, во второто полувреме беа постигнати три гола.
ФОТО: По 16 години ФК Лозар од Демир Капија повторно на фудбалската карта на Македонија
Даниел Николов постигна два гола во две минути, откако во 55. минута го отвори резултатот, а во 56. минута ја дуплираше предноста.
Домашниот тим успеа во 85. минута да го ублажи поразот со голот на Трајче Поцев.
Уште една потврда за одличната работа и организација на Општинскиот фудбалски сојуз Неготино, со шест екипи стартуваше новата сезона во Општинската фудбалска лига.