Македонскиот тенисер Калин Ивановски го заврши настапот на Челинџер 50 турнирот во Палермо, откако денеска во мечот од првото коло загуби од петтиот носител, Шпанецот Алехандро Моро Кањас, со 2:0 во сетови (6:2, 6:3).
Мечот траеше 110 минути, а Ивановски претходно успешно ги мина квалификациите, во кои оствари две победи над домашните тенисери Ла Вела и Арнаболди, двајцата носители во квалификациите.
Во првиот сет, Моро Кањас направи два брејка, во четвртиот и осмиот гем, со што стигна до убедливи 6:2.
На стартот од вториот сет мечот беше прекинат поради дожд. Првите два гема, пред прекинот, беа исклучително исцрпувачки за двајцата тенисери, со вкупно 30 одиграни поени (16+14).
По продолжението, Ивановски успеа да го одржи резултатот до 3:3, а во седмиот гем имаше две брејк-топки за да дојде до предност. Сепак, Шпанецот успеа да ги спаси и во следниот гем направи брејк, со што повторно ја презеде контролата. Моро Кањас потоа го приведе сетот до крај и славеше со 6:3.
За Ивановски ова беше трет меч во три дена на Челинџерот во Палермо, турнир кој се игра за награден фонд од 56.700 евра.
Со успешното минување на квалификациите, македонскиот тенисер освои три АТП поени.