Денес во Фудбалската федерација на Македонија беше извршена ждрепката за новата сезона 2026/2027 во Првата футсал лига, со што се познати двојките за првото коло, но и самиот распоред.
Шампионот Проект одбраната на титулата ја стартува на домашен терен против Јувентус Серава, Бутел во првото коло ќе биде домаќин на повратникот Железарец, а пак Клими ќе го пречека повратникот во елитата, тимот на СЕЕ Университи од Тетовo.
Првото коло носи и дерби на поранешните шампион Форца и Шкупи, а пак Кеги Моби сезоната ќе ја отвори против Осогово од Крива Паланка.
Првопласираниот тим покрај шампионската титула обезбедува и излез во Европа, додека пак последните две екипи испаѓаат директно во Втора лига.
Минатата сезона Проект стана шампион на Македонија без ниту еден загубен бод односно имаше ефект од 18 победи од толку натпревари, а притоа го освои и Купот на Македонија на доминантен начин.