Во Кочани на 8 септември се одржа првиот меморијален фудбалски турнир во чест на прерано починатиот Андреј Лазаров, кој трагично го загуби животот во големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на 16 март 2025.
Турнирот го организираше неговиот пријател Александар Ананиев, а датумот не беше случајно избран. Натпреварите се одиграа токму на 8 септември, денот на кој Лазаров требаше да го прослави својот роденден.
На турнирот настапија екипи од генерацијата 2016/2017, а преку фудбалот младите учесници беа дел од настан кој има посебно значење – да се зачува споменот на Андреј и неговата љубов кон спортот.
На крајот беа доделени пехари и благодарници за екипите кои настапија, а првото место му припадна на ГФК Осогово од Кочани, кој се закити со победничкиот пехар на првото издание.

Андреј Лазаров беше фудбалер кој својата кариера ја започна токму во ФК Кочани, од каде што тргна неговиот фудбалски пат. Потоа настапуваше за Металург, Работнички и Тиквеш, а кариерата ја продолжи и во Хрватска, каде што беше дел од Рудеш и Горица. Последниот клуб во неговата кариера беше Шкупи, каде што настапуваше пред трагично да биде прекинат неговиот живот.
Првиот меморијален турнир во Кочани испрати силна порака дека споменот на Андреј Лазаров ќе продолжи да живее преку фудбалот и младите генерации. Организаторите најавија дека ова нема да биде еднократен настан, туку турнирот ќе прерасне во традиција, како траен потсетник на Андреј, неговиот фудбалски пат и неговата љубов кон играта.