Вардар беше на чекор до голем триумф во „Јане Сандански“, но Нант во драматична завршница славеше со 33-32. „Црвено-црните“ имаа напад за израмнување во последните секунди, но гостинскиот голман го запре последниот удар и му донесе победа на францускиот тим.
Пред преполните трибини, Вардар имаше одличен старт и брзо поведе со 3-0, но Нант постепено го презеде ритамот. Серијата од 5-0 му овозможи на гостинскиот состав да стигне до четири гола предност, но Вардар не дозволи натпреварот да му избега. На пауза се замина со 16-15 за Нант.
Во вториот дел домашниот тим повторно се врати во игра. По 20-20 следуваше израмнета битка, а Вардар успеа да направи пресврт во финишот. Со искористувањето на празниот гол на Нант, Мохаб и Воркапиќ донесоа 28-27 и 29-27 за домашните.
Французите, сепак, не се откажаа. Во последните десет минути резултатот повторно беше израмнет, а двете екипи влегоа во трка за секој напад. Вардар стигна и до 30-29, но не успеа да ја реализира шансата за плус два. Следеше нова серија на израмнувања, а на 15 секунди до крајот Нант доби пенал.
Леополд беше сигурен од седум метри за 33-32, по што Вардар доби последна можност да одговори. Сепак, ударот заврши во рацете на голманот на гостите и Нант ја однесе победата од Скопје.
Мохаб беше најефикасен кај Вардар со 10 гола, додека Малус постигна шест. Кај Нант блескаше Леополд со 13 погодоци, а Тарафета и Турна додадоа по четири.
За Нант ова беше трет триумф во четвртиот меѓусебен дуел со Вардар и прва победа во Скопје.