Новата сезона во Втората македонска женска фудбалска лига ќе донесе изменет состав на екипи, а во шампионатот ќе се натпреваруваат осум екипи, ексклузивно дознава Спортска Мрежа.
Според нашите информации, сезоната е предвидено да започне на 27 септември, а во однос на минатогодишното издание ќе има неколку промени во составот на лигата односно ќе има четири дебитанти и еден повратник, како и прволигашот од Битола кој минатата сезона испадна од елитата.
Интересно е тоа што од минатата сезона од Втората лига останаа само две екипи, односно Билјанини Извори од Охрид и Плачковица од Радовиш кои се натпреваруваа и во сезона 2025/2027. Топ Гол е тимот кој минатата сезона испадна од Прва лига, дебитанти се Менада од Тетово, Ржаничино од Скопје, Башкими од Куманово и Топ Грлс од Охрид. Повратник во Втората лига е тимот на Победа од Валандово.
Во однос на минатата сезона, во новото издание нема да настапи Слободен, кој престана со работа, додека Борец го откажа учеството и нема да биде дел од второлигашката конкуренција.
Системот на натпреварување останува непроменет. Првопласираната екипа на крајот од сезоната ќе обезбеди директен пласман во Првата женска фудбалска лига, додека второпласираниот тим ќе има можност за промоција преку бараж против претпоследнопласираната екипа од прволигашката конкуренција.
Комплетниот распоред за новата сезона ќе биде познат по ждрепката, која е закажана за 18 септември (петок), така велат нашите информации. Тогаш ќе бидат извлечени паровите и официјално ќе биде познат календарот на натпревари за сезоната 2026/27.