Најуспешната македонска тенисерка Лина Ѓорческа доживеа пораз во првото коло на ВТА 125 турнирот во Љубљана, кој се игра за награден фонд од 100.000 евра.
Ѓорческа загуби од романската тенисерка Мариам Булгару со 2-1 во сетови (6:4, 1:6, 6:2), по два часа и 15 минути игра.
Романката го освои првиот сет со 6:4, а единствениот брејк го направи уште во првиот гем, што на крајот се покажа како клучен за освојување на сетот.
Во вториот сет Ѓорческа одигра одлично и поведе со убедливи 5:0 во гемови. Македонката без поголеми проблеми ја задржа предноста и со 6:1 стигна до израмнување на 1-1 во сетови.
Во решавачкиот сет Булгару поведе со 3:0, но Ѓорческа успеа да намали на 3:2 и да се врати во игра. Сепак, Романката во продолжението освои три гема во низа и со 6:2 го реши сетот, а со тоа и мечот во своја корист.
Следниот настап Ѓорческа ќе го има следната недела, кога ќе настапи на турнирот во Анкара.