Фудбалската селекција на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Битола од 1 до 9 септември ќе биде дел од УЕФА Регионс Купот во Босна и Херцеговина, каде што ќе ги одмери силите со селекциите на Велс, Босна и Херцеговина и Ерменија во рамките на квалификациите за пласман на европското првенство за регионални селекции.
Селекцијата на ОФС Битола ја предводи селекторот Васко Бошевски, кој го состави тимот со кој Битола ќе се претстави на меѓународната сцена. Во составот се најдоа голманите Александар Балев и Илија Ангелковски, додека во одбраната се Димитар Николовски, Пепи Трајков, Бојан Кантаровски, Ариф Мерсими, Петар Аврамовски и Дарио Бендеровски.
За средниот ред се повикани Даниел Бошевски, Лука Лисолајски, Дејан Секуловски, Виктор Гелевски и Мики Талевски, а нападот го сочинуваат Иванчо Јовановски, Андреј Илиевски, Темур Емини, Хакан Алимовски и капитенот Александар Крстевски.

Битолчани својот прв натпревар ќе го одиграат на 2 септември од 12:00 часот на стадионот „Младост“ во Какaњ, против селекцијата на Велс, односно тимот на Rhonbartholy y De. За овој натпревар УЕФА ја одреди судиската екипа составена од главниот судија Виталијс Спасјониковс од Летонија, асистентите Рајмондс Татрикс од Летонија и Дејан Стјепановиќ од Босна и Херцеговина, додека четврти судија ќе биде Драган Тодиќ, исто така од Босна и Херцеговина.
За ОФС Битола ова претставува значаен чекор и можност играчите од битолскиот регион да се надигруваат на меѓународно ниво и да стекнат драгоцено искуство во конкуренција на селекции од различни европски земји.
Селекторот Бошевски и неговите избраници во Босна и Херцеговина заминуваат со јасна цел – достоинствено да го претставуваат битолскиот фудбал и да се надигруваат со секој противник.

Во составот нема неколку фудбалери од ФК Новаци поради клупските обврски не се во можност да настапат на турнирот. И покрај тоа, од ОФС Битола порачуваат дека тимот е подготвен да го даде максимумот и да ја искористи шансата што ја носи учеството во УЕФА Регионс Купот.

ОФС Битола упати и искрена благодарност до претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, и Фудбалската федерација на Македонија, како и до Општина Битола и Општина Новаци, за поддршката и помошта во реализацијата на овој меѓународен настап.