Утре започнува 25. издание на Првата женска фудбалска лига на Македонија, со што официјално стартува сезоната 2026/2027. Во новата сезона ќе се натпреваруваат 10 екипи, а шампионската титула ќе ја брани Скопје.
Во првото коло нè очекуваат неколку интересни дуели, а особено внимание привлекува гостувањето на новиот прволигаш Пелистер кај вицешампионот Тиверија Брера.
Скопје со задача да ја потврди фаворитската улога
Актуелниот шампион Скопје одбраната на титулата ја започнува на домашен терен против Кочани, тим кој минатата сезона обезбеди опстанок преку бараж, откако го совлада Билјанини Извори од Охрид.
Скопје влегува како голем фаворит и ќе бара победнички старт, додека Кочани ќе има исклучително тежок предизвик во Пржино.
Тимот на Скопје низ историјата има пет титули, од кои четири ги освои под името Драгон, а последната како ЖФК Скопје, па тимот од Пржино започнува поход по рекордна шеста титула.
Тиверија Брера против новиот прволигаш Пелистер
Во Струмица ќе се сретнат Тиверија Брера и Пелистер, во дуел во кој домаќинот ја има фаворитската улога.
Струмичкиот тим како вицешампион ќе сака сезоната да ја започне со триумф и три бода, додека битолскиот Пелистер, кој е нов прволигаш, ќе се обиде уште на стартот да покаже дека има квалитет за прволигашко друштво и да стигне до позитивен резултат.
Струмица во минатото се покажала како исклучително тешко гостување, особено во големите натпревари во кои се решавале и прашања поврзани со борбата за титулата.
Љуботен со нов лик, Саса со шампионски амбиции
Во Тетово ќе се соочат Љуботен и Каменица Саса, во натпревар кој ќе биде интересен тест за двата состави на самиот почеток од сезоната.
Љуботен, кој во својата историја има четири шампионски титули, во новата сезона влегува со нов тим и ќе се обиде со позитивен резултат да го најави новиот проект.
Од друга страна, Каменица Саса го задржа костурот од минатата сезона. Единствено заминување е Бразилката Гоја Тчеури, додека клубот дополнително го засили составот со неколку странски фудбалерки.
Саса има отворени амбиции за враќање на шампионскиот трофеј во малото рударско гратче, па токму гостувањето во Тетово ќе биде првиот сериозен тест за тимот.
Вардар и Истатов во скопска пресметка
Вардар и Истатов ќе го одиграат скопското дерби во првото коло. Вардар во новата сезона влегува со комплетно нов лик, откако тимот беше значително изменет во летниот преоден рок, а за трансферите на „црвено-црните“ веќе известуваше Спортска Мрежа.
Истатов, пак, го задржа костурот од минатата сезона, а дополнително доби значаен адут со враќањето на Катерина Петкова од Србија.
Тимот на Истатов и оваа сезона ќе атакува на горните позиции на табелата и од сенка ќе се обиде да се вмеша во борбата за еден од трофеите – во првенството или во Купот.
Речица го пречекува Ас Јунајтед
Во последниот натпревар од првото коло, Речица на домашен терен ќе го пречека Ас Јунајтед од Струга. Гостинскиот состав ја има фаворитската улога, но Речица ќе се обиде со позитивен резултат да ја започне новата сезона.
Минатата сезона Речица обезбеди директен опстанок, освојувајќи ги клучните бодови во самиот финиш. На крајот заврши само три бода над Кочани, кој мораше да игра бараж. Ас Јунајтед, пак, имаше сигурна сезона и ја заврши на шестото место.
И двата тима во новата сезона ќе имаат амбиции за подобар пласман од ланскиот, а тоа особено важи за Речица, која ќе сака да направи чекор напред, да се приближи кон повисоките позиции и пред сè да обезбеди сигурен опстанок.
ПЖФЛ 2026/2027 – 1. коло
Скопје – Кочани | 17:00 часот
Љуботен – Каменица Саса | 17:30 часот
Тиверија Брера – Пелистер | 17:30 часот
Речица – Ас Јунајтед | 17:00 часот
Вардар – Истатов | 17:00 часот
Новата сезона носи нови амбиции, изменети состави, нов прволигаш и голема битка за врвот. Скопје ја брани титулата, но конкурурентите има свои планови.