Битолското село Црнобуки денес повторно ќе биде во знакот на детскиот фудбал, каде започнува седмото издание на меморијалниот фудбалски турнир „Трофеј Трајан Куља“.
Станува збор за турнир кој традиционално собира голем број млади фудбалери, а годинава на него ќе настапат 30 екипи, распоредени во генерациите 2015, 2016 и 2017.
Учесниците доаѓаат од Македонија, но и од регионот, па турнирот повторно има и меѓународен карактер. На „Трофеј Трајан Куља“ ќе настапат Партизан од Србија, Школа Фудбалата Радисављевиќ од Србија, Брезница од Црна Гора и Стакорина од Босна и Херцеговина.
Од македонските екипи, дел од турнирот ќе бидат Пелистер, Вардар, Работнички, Брера, Фудбалска школа Еден на Еден, Перак, Македонија ЃП, Тетекс, Јанг Тим, Вондеркидс, Либра Кидс, Азури, Кичево, Јанг Бојс, Преспа, Напредок, Атлетико, Раидерс, Неготино, Работник Галактикос, Ултрас Кидс, Маџари Солидарност, Марадона, Евро Гол, ЛГ Битола и Фер Плеј.
Првите натпревари започнуваат денес од 10:00 часот, со што официјално ќе биде отворено седмото издание на турнирот.
„Трофеј Трајан Куља“ и годинава се очекува да понуди голем број натпревари, детска фудбалска енергија и дружење на најмладите фудбалери од Македонија и регионот.
Организаторите и во ова издание се потрудија турнирот да биде на високо ниво, а настанот продолжува да ја гради својата традиција и да биде место каде младите фудбалери можат да стекнат нови искуства, да се натпреваруваат и пред сè – да уживаат во фудбалот.
Спортска Мрежа и годинава ја поддржува манифестацијата како медиумски партнер, па преку нашите канали ќе го следиме турнирот и ќе известуваме за случувањата од Црнобуки.
Пред нас е уште едно издание на меморијалот посветен на Трајан Куља – со десетици екипи, стотици млади фудбалери и денови исполнети со фудбал и дружење.