Брегалница продолжува со комплетирањето на ростерот за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, а штипскиот клуб потврди две значајни вести – враќањето на Матеј Ангелов и продолжувањето на соработката со голманот Никола Филевски.
Во редовите на „сините“ повторно се враќа Матеј Ангелов, фудбалер кој потекнува од младинската школа на Брегалница и кој во меѓувреме изгради солидно искуство. Станува збор за модерен дефанзивен играч за врска, кој се издвојува со дисциплинирана игра, интелигентно позиционирање и сигурност во организацијата на тимот. И покрај младата возраст, Ангелов настапуваше во Првата македонска лига во дресот на Работнички, беше дел и од украински Черкаси, а редовно настапуваше и за репрезентацијата на Македонија до 21 година. Од Брегалница веруваат дека токму тој ќе биде еден од столбовите на тимот во сезоната што следува.
Покрај засилувањето во средниот ред, клубот обезбеди и континуитет меѓу стативите. Репрезентативниот голман до 21 година Никола Филевски останува во Штип, откако неговиот трансфер во српскиот Јавор Ивањица не се реализира поради правилата на Фудбалскиот сојуз на Србија, кои го ограничуваат бројот на фудбалери надвор од Европската Унија.
Филевски, кој минатата сезона имаше неколку одлични настапи и зачува повеќе „чисти мрежи“, потпиша нов договор со Брегалница и ќе продолжи да го брани голот на штипскиот прволигаш. Младиот чувар на мрежата, син на поранешниот македонски репрезентативен голман Антонио Филевски, во својата кариера настапуваше за Форца Вардар, Работнички, Вардар, Борец, Силекс и Брегалница, во која пристигна пред една година.
Со враќањето на Ангелов и задржувањето на Филевски, Брегалница добива дополнителен квалитет и стабилност во пресрет на продолжението од сезоната. Штипјани веќе викендов ќе го одиграат првиот домашен натпревар, кога под рефлектори ќе го пречекаат Арсими, во обид да ги освојат првите бодови во новата прволигашка кампања.