Македонскиот фудбал доби уште еден свој претставник во еден од најголемите европски клубови. Дваесет и шестгодишниот тренер од Охрид, Адем Адем, официјално ја продолжува својата кариера во Турција, каде ќе биде дел од стручниот штаб на тимот до 19 години на Галатасарај.
Младиот стратег, кој во досегашната кариера беше дел од стручните штабови на Работнички и Охрид, добива најголем професионален предизвик досега. Во турскиот великан ќе работи како асистент на Алпарслан Ердем, тренер со кого успешно соработуваше и во македонскиот фудбал, а сега повторно ќе ги здружат силите во една од најреномираните европски академии.
Младинскиот состав на Галатасарај во новата сезона ќе настапува во три натпреварувања – У19 Суперлигата на Турција, У19 Лигата на шампионите и У19 Купот на Турција, што претставува огромен предизвик, но и можност за дополнително професионално усовршување.

Во разговор за Спортска Мрежа, Адем не го крие задоволството од новиот ангажман.
„Уште од првиот ден се чувствувам навистина добро. Во клубот владее врвен професионализам и сите ме прифатија одлично – од стручниот штаб до останатите вработени. Галатасарај е клуб во кој сè е организирано на највисоко ниво и тоа веднаш се забележува. За мене е чест што сум дел од ваква средина. Пред нас е многу предизвикувачка сезона, бидејќи ќе се натпреваруваме во три натпреварувања – У19 Турската Супер лига, У19 Лигата на шампионите и У19 Турскиот куп, па сите сме максимално фокусирани на подготовките.“
Адем истакна дека голема улога во неговото доаѓање во Галатасарај имал токму Алпарслан Ердем, со кого веќе имал успешна соработка.
„Со шефот Алпарслан Ердем претходно успешно соработувавме во Работнички, каде што изградивме одличен професионален однос. Тој беше човекот што ме побара да му се приклучам во Галатасарај и тоа за мене претставува голема чест и признание. Кога добив можност да бидам дел од еден од најголемите клубови во Европа, одлуката беше лесна. Благодарен сум за довербата и ќе направам сè за да ја оправдам преку секојдневна работа и посветеност.“

За 26-годишниот охридски тренер, ангажманот во Галатасарај претставува најголемиот чекор во неговата досегашна кариера.
„Ова е огромен професионален предизвик и сигурно најголемиот чекор во мојата досегашна тренерска кариера. Галатасарај има високи стандарди и јасна визија за развој на младите фудбалери, а тоа е средина во која секој тренер сака да работи. Фактот што ќе се натпреваруваме во У19 Турската Супер лига, У19 Лигата на шампионите и У19 Турскиот куп значи дека ќе се соочуваме со најдобрите академии и млади фудбалери. Тоа е одлична можност за сите нас од стручниот штаб да напредуваме, да стекнуваме нови искуства и да придонесеме за развојот на играчите и за успесите на клубот.“
Ангажманот на Адем Адем во академијата на Галатасарај претставува големо признание не само за него, туку и за македонската тренерска школа. Охриѓанецот добива можност да работи во еден од најорганизираните европски клубови, каде ќе биде дел од развојот на најталентираните млади фудбалери во Турција, но и ќе има можност да се докажува на меѓународната сцена преку настапите во младинската Лига на шампионите.