ФК Арсими продолжува со активностите на трансфер-пазарот и го потврди новото засилување за сезоната во Првата македонска фудбалска лига. Нов член на тимот од Чегране е искусниот играч за врска Ибрахим Олаосебикан.
26-годишниот фудбалер пристигнува од редовите на Вардар, каде минатата сезона запиша 20 настапи. Олаосебикан претходно остави добар впечаток и во македонскиот шампионат со дресот на Брера, каде имаше две успешни сезони.
Нигерискиот фудбалер зад себе има и меѓународно искуство, откако настапуваше за литванските прволигаши Хегелман и Судува. Во досегашната кариера има повеќе од 160 професионални натпревари, што дополнително го потврдува неговото искуство и квалитет.
Во Арсими очекуваат Олаосебикан да донесе стабилност, борбеност и дополнителна креативност во средниот ред, а неговото пристигнување е дел од амбициите на клубот за успешна сезона во елитното друштво.
Новата сезона во Првата македонска фудбалска лига започнува на 25 јули, а Арсими првиот предизвик ќе го има на гостински терен против Тиквеш.