Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа го заврши својот историски настап на Вимблдон, откако во првото коло од главната ждрепка беше поразена од ланската финалистка и шеста носителка на турнирот, Американката Аманда Анисимова, со 2:0 во сетови (6:3, 6:2).
Иако ждрепката не беше наклонета кон македонската тенисерка, која на своето прво појавување во главната рунда на еден Грен слем турнир се соочи со една од најдобрите светски тенисерки, Ѓорческа остави позитивен впечаток и покажа дека заслужено се најде меѓу светската тениска елита.
По одличните настапи во квалификациите, каде забележа три последователни победи, Лина испиша нова страница во историјата на македонскиот тенис со пласманот во главната рунда на Вимблдон, што претставува најголем успех во нејзината кариера.
На теренот број два во Лондон, македонската тенисерка одигра храбро против големата фаворитка. Во првиот сет Анисимова направи само еден брејк, во четвртиот гем, кога поведе со 3:1, а таа предност успеа да ја зачува до крајот на сетот и да поведе со 1:0.
Во вториот сет Американката го подигна нивото на игра и со два брејка стигна до убедливо водство од 5:1. Сепак, Ѓорческа не се предаде и успеа да ја прекине серијата на противничката, намалувајќи на 5:2, а во седмиот гем на свој сервис спаси и една меч топка, покажувајќи борбеност до самиот крај.
Иако беше дебитантка на најпрестижниот тениски турнир во светот, Лина одигра зрел и квалитетен меч, освојувајќи пет гема против една од фаворитките за висок пласман на турнирот.
Македонската тенисерка уште еднаш потврди дека има квалитет да се натпреварува на највисокото светско ниво.
И покрај елиминацијата, настапот на Ѓорческа на Вимблдон ќе остане запишан како еден од најзначајните моменти во историјата на македонскиот тенис, а нејзиниот пласман во главната рунда претставува голем успех за македонскиот спорт.