Во знак на сеќавање на својот сограѓанин, татко и дедо, и годинава во Манастирец ќе се одржи Вториот меморијален турнир во фудбал „Томе Стојанов“, настан кој има за цел да го зачува споменот за човекот кој зад себе остави многу убави моменти, позитивна енергија и насмевки.
Организаторите истакнуваат дека турнирот претставува можност преку спортот, дружењето и фудбалот да му се оддаде почит на ведриот дух на Томе Стојанов, кој ќе остане запаметен по својата позитивност, хумор и песните „Желим топли дом“ , „Дај ми мајко друг живот“ , „Вранјанка“ , „Рајот на земјата“ и други кои биле неизоставен дел од секоја седенка.
Меморијалниот турнир ќе се одржи на 11 јули 2026 година (сабота), со почеток во 19:00 часот, на игралиштето во центарот на Манастирец.
На турнирот ќе настапат четири екипи: екипата на Томе Стојанов, екипата на Сашко Гелов – Шулц, Мики Монт и ФК Љубаш, кои преку фер и спортска игра ќе се борат за победничкиот трофеј, но пред сè ќе го одбележат споменот на Томе Стојанов на најдостоинствен начин.
Годинава, за првпат, медиумски покровител на Меморијалниот турнир „Томе Стојанов“ ќе биде Спортска Мрежа, која ќе ја следи оваа спортска манифестација и ќе придонесе за промоција на настанот.
Организаторите упатуваат покана до сите љубители на спортот, пријатели и сограѓани да присуствуваат на турнирот и заедно преку добар фудбал и дружење да го сочуваат споменот за Томе Стојанов.