Македонската тенисерка Лина Ѓорческа успешно ја мина првата пречка во квалификациите за Вимблдон, откако со 2:0 во сетови (6:2, 6:4) ја совлада Анхела Фита Болуда од Шпанија, во меч што траеше 79 минути.
Ѓорческа одигра квалитетен натпревар со висока ефикасност во клучните моменти. Таа реализираше пет брејка од осум прилики, додека противничката искористи две од три шанси. Во вкупниот број освоени поени, македонската тенисерка беше подобра со 63:51, а импресивен беше и нејзиниот учинок на мрежата – 11/13, наспроти 7/21 на противничката.
Првиот сет помина во целосна контрола на Ѓорческа. Таа поведе со брејк во четвртиот гем за 3:1, а потоа уште еднаш одзеде сервис во осмиот гем за убедливи 6:2, искористувајќи ја третата сет-топка.
Во вториот сет, противничката прва стигна до брејк и поведе со 1:0, но Ѓорческа веднаш возврати со ри-брејк. Сценариото се повтори и во петтиот гем кога Болуда повторно поведе (3:2), но македонската тенисерка уште еднаш израмни на 3:3. Во десеттиот гем Ѓорческа ја искористи првата меч-топка и го затвори сетот со 6:4.
Ова беше прва победа за Ѓорческа во меѓусебните дуели со Болуда, откако Шпанката претходно славеше во Коксијде во 2021 година на фјучрс турнир.
Во второто квалификациско коло, Ѓорческа ќе се сретне со Франциска Жорге од Португалија (226. место на ВТА листата), која во првото коло ја совлада 10. носителка Далма Галфи со 2:0 во сетови (7:6(5), 6:3). Во досегашниот единствен меѓусебен дуел, Ѓорческа славеше против Жорге во Скопје во 2022 година, во рамки на Били Џин Кинг купот.