Охрид Куп 2026 оваа година носи новина која ќе ги вклучи и родителите, навивачите и поддржувачите во натпреварувачкиот дух на турнирот. Организаторите официјално ги отворија пријавувањата за „Охрид Куп Fan Challenge 2026“, забавно натпреварување кое ќе се одржува паралелно со турнирот и ќе им овозможи на родителите да ги покажат своите фудбалски вештини.
Во машка конкуренција, татковците ќе се натпреваруваат во жонглирање со фудбалска топка, додека мајките ќе ги одмерат силите во изведување пенали. Најуспешните учесници ќе обезбедат пласман во големото финале кое ќе се одржи непосредно пред финалните натпревари на Охрид Куп 2026.
За победникот во машка и победничката во женска конкуренција се обезбедени атрактивни награди – ноќевање за двајца во Вила Ѓорги во Трпејца, ваучер за ресторан „Кај Дедо Ѓоре“ во Трпејца, како и ваучер за SUP даски од Fruity SUP Board.
Организаторите истакнуваат дека целта е покрај спортските возбудувања на теренот, да се создаде дополнителна атмосфера на дружење, забава и незаборавни моменти за целото семејство во прекрасниот амбиент покрај Охридското Езеро.

Пријавувањето е отворено до петок, 19 јуни, до 10:00 часот. За учество потребно е заинтересираните да испратат име и презиме, град и клуб или екипа за која навиваат или од која доаѓаат. Пријавите се испраќаат преку порака на официјалната Facebook страница на Охрид Куп.
Со оваа иницијатива, Охрид Куп 2026 уште еднаш покажува дека е повеќе од турнир – настан кој ги обединува децата, родителите и љубителите на спортот. Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани да се пријават и да покажат дека љубовта кон фудбалот навистина нема возраст.
Охрид Куп 2026 – секое дете е победник, а оваа година и родителите ќе добијат можност да станат шампиони.