Денес беа одиграни натпреварите од последното 30. коло на Втората македонска фудбалска лига, екипата на Брегалница сосема очекувано триумфираше над Победа со резултат од 7:0, а по мечот го доби и шампионскиот пехар – „сините“ станаа шампиони на Втора лига за сезона 2025/2026 и од следната сезона ќе играат во Првата македонска фудбалска лига.
Стрелци во триумфот на „сините“ предводени од стратегот Влатко Костов беа Костов за отварање на резултатот и Михолов за 2:0 на полувреме.
Во вториот дел погодија Наумоски, Капсаров од пенал, Талески, Постолов и Димоски.
Славјето за титулата беше проследено со свечена церемонија од фудбалскиот клуб Брегалница, по што беа доделени признанија за градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, за шефот на стручниот штаб Влатко Костов и за верните навивачи.
Во Автокоманда се одигра натпреварот меѓу Скопје и Детонит Плачковица, каде „пиратите“ беа подобри со резултат од 5:1. Најдобриот стрелец во лигата Виктор Ангелов беше двоен стрелец за негови 24 гола во ВМФЛ, а погодија и Папули, Стојановски и Славков, а Папули си постигна и автогол.
Шкендија Арачиново триумфираше во Македонска Каменица каде со резултат од 2:4 ја доби Каменица Саса преку пресврт. За “рударите” стрелци беа Николовски и Ефремов, а за тимот од Арачиново двапати погоди Назифи, а по еднаш Жоглев и Нухија.
Новаци и Осогово одиграа дуел од средината на табелата, меч кој понуди шест погодоци, а конечниот исход беше 3:3.
Стефан Јовановски даде два гола, а еден Љамчевски, а Осогово погодија Димоски и Симоски двапати.
Охрид сосема очекувано славеше висока победа над Слога Виница, откако „рибарите“ славеа со резултат од 7:1. Јахја постигна четири гола, Затуровски, Димитриевски и Парталко по еден гол. За тимот од Виница погоди Спасов.
Беласица го освои Ресен откако со резултат од 1:3 ја доби Преспа. Милушев, Дончев и Делов погодија за струмичани, а за домаќинот деби гол имаше 16-годишниот Тодор Лабачевски.
Трите бодови останаа во Тетово откако Тетекс славеше над „фенерџијата“ Големо Коњари со резултат од 7:2.
Стрелци за “штофарите” беа Гавроски со четири гола, Јамини со два гола и Елмази со еден гол. За гостинот Паноски и Бешоски беа стрелци.
Во Неготино се одигра мечот меѓу Вардар и Кожуф каде исходот беше триумф од 0:5. Хет-трик за Филип Тодороски, а по еден гол постигнаа Шефити и Лембовски.
Од Втора лига директно испаднаа Големо Коњари, Победа, Слога Виница, Преспа и Вардар Неготино, додека пак Каменица Саса, Тетекс и Кожуф ќе играат бараж за опстанок во Втора лига.
Скопје и Шкендија Арачиново ќе играат бараж за влез во Прва лига, а Брегалница обезбеди директен влез во фудбалската елита на Македонија за следната сезона 2026/2027.