Некогашниот прволигаш Еуромилк од Горно Лисиче го трасира патот кон враќање во Втората лига, тимот е на врвот во Трета лига – Север и има седум бодови повеќе од второпласираниот БВК Коњаре.
„Лисиците“ веќе ги решија сите дилеми, а Димитар Стојановски, кој оваа зима пристигна во тимот на Еуромилк ГЛ од редовите на Пчиња не го криеше своето задоволство од двата постигнати погодоци во претходното коло против Ржаничино, вели дека сигурно одат кон баражот и целта е влез во Втора лига за следна сезона.
„Среќен сум за постигнатите голови како на мечот против Ржаничино, така и на минатите натпревари, но тоа е заслуга на целата екипа. Во тимот владее победничка атмосфера, тука дојдов на полусезоната и одлично сум прифатен од моите соиграчи. Сигурно одиме кон баражот и сите во мислите имаме една цел да го поминеме за следната да играме во Втора лига“, рече Димитар Стојановски за Спортска Мрежа.
21-годишниот фудбалер вели дека клубот функционира беспрекорно како организациски, така и финансиски и на спортски план.
„Клубот заслужува да биде ранг погоре бидејќи се функционира беспрекорно како на организациски, така и на финансиски и спортски план. Воедно во оваа прилика сакам да изразам голема благодарност до раководството и стручниот штаб за довербата што ми ја дадоа, а јас ќе се оддолжам со добри игри и голови“, дополнува Стојановски.
Еуромилк ГЛ е прв тим кој ќе го потврди баражот за Втора лига во однос на останатите третолигаши во другите региони.