Вечерва од 19:00 часот, во салата „Јордан Мијалков“ во Штип, стартува финалната битка за шампионската титула во Првата одбојкарска лига за мажи. Во серијата „подобар во пет“ ќе се сретнат двете најдобри екипи од регуларниот дел од сезоната – Штип УГД и ГОК Борец.
Штип УГД, како лидер на табелата, ја има предноста на домашен терен. Штипјани одиграа одлична сезона со само еден пораз, и тоа од актуелниот шампион Струмица 47&72.
Тимот од Штип пред неполн месец по третпат во својата историја го освои Купот на ОФМ 2026, а сега има шанса да ги обедини трофеите. Во куп-финалето токму ГОК Борец беше совладан со 3:1, а штипјани оваа сезона имаат максимален ефект од 4-0 во победи против велешкиот тим, при што сите дуели се одиграни во четири сета.
Штип УГД до финалето стигна по две сигурни победи над Работнички 71&22 и по третпат по ред ќе се бори за шампионската титула, која сè уште недостасува во клупската историја.
ГОК Борец, пак, по пауза од три години повторно се враќа во битка за титулата. Велешани во полуфиналето ја прекинаа седумгодишната доминација на Струмица 47&72, со две победи од по 3:1.
Борец веќе имаше дуел со Штип УГД во куп-финалето, а сега двата тима повторно ќе се сретнат во борба за најважниот трофеј. Иако досега во сезоната велешкиот состав освои само еден сет против штипјани, финалната серија носи нова мотивација и поинаков притисок.
Сигурно е едно – македонската одбојка ќе добие нов шампион. Серијата „подобар во пет“ ќе одлучи дали тоа ќе биде Штип УГД или ГОК Борец, а за двата тима ова е шанса да испишат клупска историја.
ФИНАЛЕ НА ПЛЕЈОФ МАЖИ
1.НАТПРЕВАР (16.04.2026)
Штип УГД – ГОК Борец 19:00ч.
Сала: „Јордан Мијалков“ во Штип