Екипата на Каменица Саса веднаш се врати на победи после поразот од лидерот Скопје во претходното коло, откако денес буквално го „разнесе“ со 7:0 „жилавиот“ Топ Гол од Битола, во рамки на 19. коло на Првата женска фудбалска лига.
Повеќе од јасно беше дека „рударките“ ќе прокнижат три бодови, ќе стигнат до 12-тиот сезонски триумф, а прашање беше само со колкава разлика.
Битолскиот тим беше инфериорен противник и немаше капацитет да се носи со искусната Саса.
Хет-трик на мечот постигна најдобриот стрелец во шампионатот, Ана Димитровска трипати ја погоди мрежата на Топ Гол, а по еднаш стрелаа Радица Велкова која го отвори резултатот во 15. минута, Васка Василева една минута подоцна погоди за двојна предност, а потоа Бразилката Тчеури Харуми Гоја зголеми на три гола предност.
Во вториот дел во листат на стрелци се запиша и поранешната репрезентативка Драгана Костова.
Тимот од малото рударско гратче сега има 36 бодови, во следното коло ќе игра дома против Ас Јунајтед, а пак Топ Гол останува на дното со четири бодови и ќе има тешка борба за опстанок, а во следното коло ќе се соочи со Љуботен на домашен терен во Битола.