Некогашниот прволигаш Борец денес забележа триумф од 1:3 над Влазними Јуниор, во меч од 15. коло на Трета лига – Југ со која победа велешани избија на врвот од табелата.
До овој триумф Борец стигна преку пресврт откако Флорим Бесими во 21. минута го отвори резултатот за водство на домашниот тим, а до крајот екипата на Борец направи пресврт со погодоците на Марко Миловановиќ, Теодор Мирчевски и Илхан Имеров.
Во вториот дел мрежи мируваа, па резултат од 45. минута (1:3) стана конечен.
Превалец загуби на гостување во Крушево од Пити Гули со 2:1, па тоа го искористи Борец за да биде осамен на врвот од таблета.
По чистите мрежи во првиот дел на стадионот „Гумења“ во Крушево, резултатот се отвори во 55. минута за водство на домаќинот преку Гоце Стојаноски, а по пет минути Соте Андреески погоди за водство на Питу Гули од 2:0.
Во 67. минута од мечот Превалец преку Александар Јордановски намали на 2:1, но немаше сили за ништо повеќе и претрпеа пораз препуштајќи му го врвот на Борец.
Тополка буквално ја „разнесе“ екипата на Млекар со неверојатни 6:0. Пеце Стојанов беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Димитар Чоков, а Мартин Камчев, Елмир Еминов и Ордан Нешов.
Башкими од Јаболчиште имаше сигурен гостински триумф од 0:2 над Младост во Кривогаштани. Резултатот го отвори Лавдрим Лазами во 34. минута, а во вториот дел Елфати Тахири ги постави конечни 0:2 погодувајќи во 81. минута.
Лесна рутинска победа за екипата на Ултрас која со 2:6 славеше над Бучин. За домашниот тим Даниел Вурмески беше двоен стрелец, а пак за гостинот двојни стрелци беа Миодраг Тасески и Бобан Тошески, а пак по еден гол постигнаа Петар Петроски и Бобн Митрески.
Со голот на Кирил Неделков екипата на Венец од Долни Дисан славеше минимални 0:1 над Росоман во гости.
На врвот од табелата е екипата на Борец со 37 бодови, а пак на второто место е тимот на Превалец кој има 34 бодови, со што помеѓу овие две екипи продолжува борбата за шампионскиот пехар кој води кон баражот за Втора лига.