Клими оствари голема и значајна победа од 7:5 против актуелниот шампион Форца од Куманово во рамките на 11. коло од Првата футсал лига. Во натпревар исполнет со многу голови во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци, радовишанецот Горан Коцевски беше еден од клучните играчи и вистински херој на домашниот состав.
Со овој пораз – четврти сезонава – Форца практично ги загуби шансите за одбрана на титулата, а лидерот Проект веќе го отвора шампањот во Јосифово, бидејќи патот до шампионскиот пехар сега е широко отворен.
Клими – Форца 7:5
Домашните одлично го отворија мечот. Резултатот беше отворен во 4. минута со голот на новото засилување од Радовиш, Горан Коцевски, а веднаш потоа Зоран Тасески зголеми на 2:0. Форца не успеа да се консолидира, па во 6. минута Виктор Аризанов реализираше за 3:0.
Гостите возвратија преку Артан Јунузи за 3:1, а Артан Чилафи во 17. минута намали на 3:2. Сепак, во финишот на првиот дел повторно сцена за Коцевски, кој со својот втор погодок обезбеди водство од 4:2 на полувреме.
Во второто полувреме Клими стигна и до убедливи 7:2. Аризанов постигна уште еден гол, по еднаш стрелаа Давид Крстевски и радовишанецот Андреј Коцевски. Сепак, домаќините за малку ќе дозволеа драматичен пресврт. Јунузи комплетираше хет-трик со уште два гола, а Берат Рамадани погоди за конечни 7:5, само ублажувајќи го поразот на шампионот.
Службена победа за Проект
Лидерот Проект ќе ги добие бодовите службено, откако натпреварот против Јувентус Серава не се одигра во Гевгелија, бидејќи гостинската екипа не допатува по 30-минутно чекање.
Мал Ајакс убедлив во дербито за опстанок
Во Штип, Мал Ајакс го декласира дебитантот Балкан со 8:2 во директната битка за опстанок. Седат Мамудов и Ангел Белчовски постигнаа по два гола, а по еднаш стрелаа Филип Миташев, Трајче Ефремов, голманот Филип Гигов и Андреј Трајанов. За Балкан погодија Ерол Далип и Фестим Балиќи.
Шкупи со важна победа над Бутел
Шкупи славеше тесна, но значајна победа од 4:3 против Бутел во битката за опстанок. Домашните на полувреме имаа убедливи 3:0 по головите на Ербил Даци, Еркан Сефери и автоголот на Александар Илиевски. Во вториот дел Сефери зголеми на 4:0, а Бутел до крајот само го ублажи поразот преку двата гола на Матеј Ристевски и погодокот на Владимир Трендафиловиќ.
Осогово и Кеги Моби во голеада без победник
Во Крива Паланка, Осогово и Кеги Моби одиграа драматично реми 5:5. Велешани поведоа со 0:2 преку Петар Левков и Трајче Трајков, но Осогово израмни до паузата со головите на Кристијан Стојановски и Виктор Димков.
Во второто полувреме Кеги Моби повторно поведе со 2:4 преку Димче Андов и Кирил Ивановски. Следуваше пресврт – голманот Никола Спасовски намали во 33. минута, Бојан Иванов израмни на 4:4, а капитенот Станојковски донесе водство од 5:4. Сепак, во самиот финиш Трајков со својот втор гол постави конечни 5:5 и ги подели бодовите.
Колото донесе многу голови и возбудувања, а вечерта во Кавадарци ќе остане запаметена по блесокот на радовишанецот Горан Коцевски, кој со двата погодоци го предводеше Клими до една од најголемите победи сезонава.
Битката за опстанок продолжуваат да ја водат Балкан, Мал Ајакс, Осогово и Шкупи.