Зоран Јовановски ќе испише нова страница во историјата на македонскиот спорт, откако ќе стане првиот македонски параолимпиец кој ќе настапи во алпско скијање на Зимските параолимписки игри во Милано и Кортина.
Неговиот настап претставува историски успех за македонското параскијање и голем чекор напред за развојот на зимските спортови кај лицата со попреченост. Овој резултат е доказ дека со јасна визија, континуирана работа и силна поддршка може да се постигнат врвни спортски достигнувања и на меѓународната сцена.
Во подготовките за овој голем предизвик, значајна улога имаат тренерите Јане Стефанов и Петар Илиев, како и Вангел Тркаљанов – човекот кој го донесе параскијањето во Македонија. Благодарение на неговата посветеност и ентузијазам, досега се организирани повеќе од 20 ски-кампови, преку кои се создава база и се откриваат нови таленти.
Настапот на Јовановски не е само личен успех, туку и силна мотивација за сите млади спортисти со попреченост во Македонија. Тој испраќа порака дека со труд, верба и поддршка, границите можат да се поместат, а соништата да станат реалност.
Очекувањата се неговото учество во Милано и Кортина да придонесе за поголема видливост и дополнителна поддршка за параспортот во земјава, како и да отвори нови можности за развој и афирмација на македонските спортисти на светско ниво.