Ракометарите на Тиквеш 2014 на импресивен начин ја започнаа новата календарска година во Суперлигата, откако пред својата публика славеа убедлива победа над Радовиш со 44-23 во рамките на 19. коло.
Иако гостите имаа почетна предност и во воведните минути делуваа рамноправно, тоа траеше кратко. По резултатот 9-8, кавадарчани воспоставија целосна контрола над резултатот, ја засилија играта во одбраната и со серија голови почнаа да ја градат разликата. До паузата Тиквеш веќе имаше сигурни 20-12, најава за тоа што ќе следи во продолжението.
Во второто полувреме домашниот тим дополнително го подигна ритамот, првпат стигна и до двоцифрена предност, а разликата од минута во минута стануваше сè поголема. Радовиш немаше решение за расположените кавадарчани, кои ја казнуваа секоја грешка и рутински го приведоа натпреварот до висока победа.
Томче Стојановски беше најефикасен во победничкиот табор со десет погодоци, додека Димитар Коцев заврши со девет. Солиден придонес дадоа и голманите, а кај гостите најмногу се истакна Томче Трајчевски со шест погодоци, Васе Петров имаше пет.
Со овие два бода, Тиквеш стигна до котата од 20 бодови и останува во жестоката трка за пласман во плеј-офот, каде што најдобрите шест екипи ќе продолжат ќе разигруваат за титула и излез во Европа. Во следното коло кавадарчани ги очекува незгодно гостување кај Прилеп, додека Радовиш ќе игра против шампионот Еурофарм Пелистер.