Во Богданци започнува нова фудбалска зимска приказна – Football Winter Mini Cup 2025, турнир кој за првпат ќе се игра на Градскиот стадион и кој ветува вистинска празнична атмосфера и силна конкуренција за генерациите 2013–2018. Пријавувањата се веќе отворени, а интересот од клубовите расте од ден во ден.
Турнирот ќе се одржи од 5 до 7 декември 2025, со јасно распределена програма:
– Петок: генерација 2013 (10+1)
– Сабота: генерации 2014 (7+1) и 2015 (6+1)
– Недела: генерации 2016 (6+1), 2017 (5+1) и 2018 (5+1)
Секоја генерација ќе игра по соодветен формат – од 30-минутно полувреме за 2013, до по 25 или 20 минути за помладите категории, а елиминациските рунди се приспособени според возраста. Генерациите 2013–2016 ќе играат со топка број 5, а најмладите 2017–2018 со топка број 4.
Организаторите пропишаа и минимален број играчи: 12 по тим, освен за 2013 каде максимумот е 15 деца. При гол-аут, играта започнува од земја (освен кај 2018), а топката не смее директно да ја мине средината. За лош старт следи исклучување од 5 минути, со дозволена замена.
Најдобрите екипи и најистакнатите поединци ќе бидат наградени со трофеи и медали, со што турнирот добива дополнителна тежина, особено затоа што ќе се игра во празнична атмосфера и пред многу публика.

За пријавување и информации, клубовите можат да се јават на: +389 77 587 501.
Овој спортски настан за првпат ќе го има како медиумски покровител Спортска Мрежа, која ќе го следи секој ден од турнирот со извештаи, резултати и фотографии.
Football Winter Mini Cup 2025 – турнир што ќе создаде нови фудбалски спомени!