Со убедливата победа на Вардар Неготино над Аеродром од десет разлика односно 38:28, беше комплетирано 8. коло на Првата ракометна лига.
Фаворитот одлично го отвори резултатот и уште од самиот старт тимот на Игор Котевски „билдаше“ разлика која стануваше недостижна за гостинот од Скопје.
По десет минути игра во Неготино резултатот беше 7:1, а потоа до крајот на првиот дел Аеродром се обидуваше да држи резултатска неизвесност, а на полувреме Вардар Неготино имаше предност од 19:15.
Во вториот дел разликата се зголемуваше постојано, Вардар Неготино правеше серии од по неколку погодоци до конечни 38:28.
Мице Шилегов со девет погодоци беше прво име кај Вардар Неготино, него го следеше Христи Бикоски со осум реализации, кај гостинот се истакна Давир Аврамовски со пет погодоци.
Во следното коло Аеродром дома ќе игра со Македонија Ѓорче Петров, а пак Вардар Неготино ќе гостува во Ресен кај Преспа.
Вардар Неготино сега е втор со 12 бодови, има два бода негатива од лидерот Младост од Богданци, но има меч повеќе, а пак Аеродром е на деветтото место со шест бодови.