Фудбалскиот натпревар меѓу Победа и Шкендија Арачиново кој се одигра во Прилеп донесе инцидент по последниот свиреж на судијата, кога навивач на домашниот тим го нарушил јавниот ред и мир во спортскиот објект „Гоце Делчев“.
Според првичните информации, лицето се обидело да влезе во соблекувалната на гостинскиот тим и при тоа оштетило дел од инвентарот. Навремена реакција на полициските службеници спречила поголем инцидент.
Министерството за внатрешни работи преку дневниот билтен потврди дека навивачот е приведен и задржан во полициска станица:
„На 01.11.2025 во 15:30 часот на градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишија од слобода Ф.З.(33) од Прилеп затоа што го нарушил јавниот ред и мир со оштетување и уништување инвентар и други делови од спортскиот објект. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе следува соодветна пријава“, велат од МВР.
Од МВР дополнуваат дека по целосно документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава за нарушување на јавниот ред и мир и уништување на имот во спортски објект.