Екипата на Беласица денес ја очекува незгодно гостување во Гевгелија, каде ќе се соочи со тимот на Кожуф во рамките на 10. коло од Втората македонска фудбалска лига.
Струмичани се наоѓаат во резултатска криза, откако доживеаја три последователни порази. Негативната серија започна уште во последните две кола под водство на поранешниот тренер Александар Стојанов, кој ја презеде одговорност и си поднесе оставка. На негово место дојде Панче Стојанов, но и тој дебитираше со пораз на домашен терен против Победа, што дополнително го зголеми притисокот во клубот.
Беласица во моментов има 16 бодови и заостанува седум во однос на првото место кое води директно кон Првата лига. Според формата од последните пет натпревари, тимот има две победи и три порази, што е далеку под очекувањата за екипа која пред почетокот на сезоната најавуваше борба за врвот.
Од другата страна, Кожуф е во нешто подобра форма и со ист број бодови (16) го дели шестото место со Беласица, но благодарение на подобрата гол-разлика се наоѓа позиција погоре. Гевгеличани имаат учинок од четири победи, четири ремија и само еден пораз, со одлична дефанзивна статистика – само четири примени голови, што ја прави нивната одбрана најдобра во лигата.
Беласица има постигнато 17 погодоци, но примила дури 11, што укажува на нестабилност во одбраната. Тоа може да биде клучен фактор и на денешниот дуел, кој се очекува да биде неизвесен и со големо тактичко надмудрување на тренерите Иван Варадиновски и Панче Стојанов.
Битката за трите бодови во Гевгелија ќе биде исклучително важна за двете екипи. Беласица ќе се обиде да стави крај на лошата серија и да се врати во борба за врвот, додека Кожуф ќе сака да ја искористи кризата на струмичкиот тим и да стигне до својот петти сезонски триумф.
Натпреварот меѓу Кожуф и Беласица ќе се игра денес на Градскиот стадион во Гевгелија, со почеток од 13:30 часот.