Во дербито кое секогаш буди најголемо внимание, Вардар 1961 пред својата публика го совлада Еурофарм Пелистер со 31-28 и го запиша првиот голем успех во новата сезона од Суперлигата. Натпреварот изобилуваше со тензија, жестоки дуели и драма, а радоста на крајот им припадна на „црвено-црните“.
Дуелот започна со минимално водство на гостите, но Вардар брзо презеде контрола и ја наметна својата игра. Рано исклучување на Вуко Борозан донесе дополнителни проблеми за домашните, но и покрај тоа скопјани покажаа карактер и ја задржаа предноста. Во 23. минута натпреварот беше прекинат поради нереди на трибините, кога дел од навивачите фрлија факел кон спротивната страна. По интервенција на полицијата и десетминутна пауза, играта продолжи. На полувреме Вардар замина со водство од 16-14.
Вториот дел донесе уште поголема неизвесност. Пелистер со серија на Манасков и Кузмановски успеа да израмни, но тогаш блескаше Милош Валах меѓу стативите на Вардар. Со неколку клучни интервенции, тој ја врати сигурноста, а нападот предводен од Боно, Малус и Тузолана повторно ја врати предноста на домашниот тим. Во самата завршница Пелистер намали на еден гол негатива, но промашениот пенал на Манасков и погодокот на Филип Талески беа решавачки за конечната победа.
Најефикасен на натпреварот беше Дејан Манасков со девет погодоци, додека за Вардар најрасположени беа Боно, Малус и Тузолана со по шест гола. Голманот Валах забележа девет интервенции само во вториот дел, и заслужено беше еден од хероите на триумфот.
Со оваа победа, Вардар го прекина низот на порази од својот најголем ривал и уште еднаш покажа дека ќе биде меѓу главните претенденти за титулата во домашното првенство.