Ресен од оваа сезона добива нов ракометен претставник – Градски Ракометен Клуб Преспа 2025, тим кој произлегува од фузијата на двата досегашни субјекти, СРК Преспа Вардар и Младост. Со овој чекор започнува нова ера на ресенскиот ракомет, кој има богата традиција и долгогодишна историја на создавање таленти.
Клубот ќе се натпреварува во Првата лига, а целта е повеќеслојна – од изградба на карактерно силни и дисциплинирани млади спортисти, па сѐ до враќање на ракометната слава на Преспа. Како што истакна претседателот Александар Крстевски – Пента, обединувањето на двата клуба е стратешки потег што треба да донесе посилен и поконкурентен тим, кој ќе ги мотивира младите и ќе биде гордост за целата општина.
Во управата на клубот се вклучени и Николче Даскаловски, Никола Ставревски, Дејан Петровиќ и Дане Ѓоргиевски, луѓе со јасна визија за иднината. Плановите вклучуваат создавање фан-зона и канцеларија за играчите, реновирање на теретаната и обезбедување современа опрема и реквизити за сите младински категории.
„Од денес започнува и официјално со работа новоформираниот спортски субјект Градски Ракометен Клуб Преспа 2025. Во овој клуб се фузираа двата досегашни ракометни субјекти Р.К.Преспа Вардар и РК.Младост.
- Целта на овој субјект е најпрво да изградиме здрави,карактерно силни,воспитани,културни,дисциплинирани личности,а подоцна и спортисти,кои се иднината на нашата Општина Преспа.
Планирани Цели:- Најпрво да се стави во функција официјална канцеларија и фан зона (бифе),каде овие млади ракометари ќе се дружат и тренираат.Да ја засакаат спортската сала,како свој дом,да си имаат свое култно место и да ги отргниме од секојдневните негативности и пороци.
- Второ да му обезбедиме опрема,реквизити и сите потреби на школите за нормално функционирање на клубот(кадети,пионери,младинци…).
- Трето да ја изградиме теретаната која беше во функција претходно.
- Успесите и резултатите сигурни сме дека ќе си дојдат со многу работа и труд.
- Преспа е еден познат докажан ракометен расадник на талетни во нашата држава и во иднина ќе се радуваме на новите шампиони,репрезентативци,интернационалци…
- За да ги реализираме нашите идеи потребни ни се поддржувачи Општествено одговорни компании.Подржувачите ќе ги објавуваме јавно на нашата страна на ФБ.,со цел и другите да го следат примерот.
- На сите подржувачи ќе му даваме очет(на крај на година) за сработеното и смер каде се инвестирани нивните средства и на истите ќе имаат можност за увид во секое време“, вели претседателот на клубот Александар Крстевски.
Ресен е одамна препознаен како ракометен расадник, а токму од овој град потекнува клубот Преспа Јафа Промет – првиот македонски шампион кој настапил во групната фаза од Лигата на шампионите. Со создавањето на ГРК Преспа 2025, љубителите на спортот повторно добиваат причина за гордост, а новата генерација ракометари ќе има шанса да ги продолжи славните традиции.
Клубот веќе апелира и до општествено одговорните компании од регионот да се приклучат во поддршката, со што ќе се овозможи стабилен развој и остварување на поставените цели.
Ресен повторно ја враќа ракометната приказна на големата сцена – овој пат преку ГРК Преспа 2025.