Македонскиот ас во автомобилизмот, Игор Стефановски – Иџе, ја започна новата сезона од Европскиот шампионат на ридски патеки (EHC) со блескава победа во Франција! На престижната трка во Сен Жан Ду Гар, Иџе беше недостижен за конкуренцијата и заслужено го освои првото место во својата група.
Стефановски уште еднаш покажа зошто е меѓу најдобрите ридски возачи во Европа. Со прецизно возење, голема брзина и чиста страст зад воланот, Иџе ја остави европската конкуренција зад себе и донесе нов триумф за Македонија.
„Првата трка заврши. Не беше онака како што очекувавме. Ова е една од најтешки трки која сум ја возел досега. Врнежливото време и маглата создаваат невозможни услови за возење. Ова се гладијаторски трки. Возите со голема брзина, а видливоста е мала. Во мојата група сум прв, но не можам да се радувам, затоа што моите најголеми конкуренти имаат стравотни излетувања и ги искршија своите возила. И јас имав мало излетување, но за среќа не го повредив возилото многу. По моето возење организаторот одлучи да ја прекине трката, поради лошите временски услови. Ние завршивме први, но ова е трка која посакувам да не се повтори“, изјави Стефановски.
Победата во Франција е само почеток, но и сериозно предупредување за сите конкуренти – Иџе е подготвен за нова борба, и покрај сите пречки. Следната трка е на 27 Април во Австрија. Му посакуваме успех на Иџе !
Виолета Јанчева, Спортска Мрежа